Во легендарното Крушево на 1 април во 1920 година, започнал  животот на Наум Наумовски-Борче човек, револуционер и борец чие име со гордост го носи нашето училиште.

Неговиот животен пат започнува во скромна, сиромашна и патријахална средина. Наум Наумовски-Борче се издвојувал од другите деца со неговиот дух полн со љубопитство кон знаењето и книгата. Носен од вителот на напредните идеи, по завршувањето на основното училиште во родниот крај, заминува по патот кој водел кон посветло и посреќно утре.

Воден од полетот на младоста и желбата што подобро да се запознае со светот на книгата, заминува да студира во Белград, но поради тешките услови бил принуден да го прекине студирањето и да се вработи во фабриката „Рогожариш“ во Белград. Но, набргу започнале воените превирања и окупацијата на татковината. Многумина се спротивставиле на фашизмот и неговата окупаторска идеологија меѓу кои бил и Наум Наумовски-Борче.

Присуствувал на сите манифестации и демонстрации организирани од страна на КПЈ и често доаѓал во конфликт со полицијата. Во потполност ја прифатил програмата и идеологијата на КПЈ, станал нејзин член во 1940 година. Во 1942 година бил политички комесар на Крушевскиот партизански одред, помошник на комесарот на Втората оперативна зона, а бил и комесар на еден батаљон од Втората Македонска бригада, додека пак во 1944 година бил политички комесар на 41-та Македонска дивизија и се до ослободувањето не престанал да врши видни политички функции. Неговото дејствување не престанало со завршувањето на војната, туку напротив целосно се посветил на изградбата на разурнатата земја, завземајќи високи политички и државни функции.

По ослободувањето од фашистичкото ропство, Наум непрекинато е избиран за пратеник на Сојузното народно собрание, а бил и член на Извршниот совет на Народното собрание на Македонија. Активен и несебичен придонес дал и во двата мандати како градоначалник на градот Скопје во 1950 година и од 1956 до 1960 година. За народен херој бил прогласен на 29.11 1953 година. Умира по долго и тешко боледување на 40 – годишна возраст на 28 септември 1960 година.

Во чест на Наум Наумовски-Борче  во населбата Маџари е изградено учи–лиште, кое веќе 55 години со успех работи на образованието, воспитувањето и оформувањето на новите генерации кои успешно се интегрираат во сите текови на разновиден и богат општествен живот.

Секој 1-ви Април се потсетуваме на животот и делото на овој револуционер и хуманист, го славиме денот што го означува почетокот на неговиот плоден живот и чекориме гордо по патот што тој го осветли.