Наум Наумовски – Борче
(Крушево, 1 Мај 1920 – Скопје, 28 Септември 1960) — македонски комунист, учесник во Народноослободителната борба,
народен херој 🏅
Станал член на КПЈ во 1940 година. Учествувал на Првото заседание на АСНОМ.
По ослободувањето вршел повеќе високи општествено-политички функции.
Во два мандата бил градоначалник на Скопје: во 1950 и во периодот од 1956 до 1960 година.
Животопис

Наум Наумовски е роден во многудетно семејство во Крушево. Завршил два класа гимназија во Прилеп,
по што со семејството се преселил во Белград, каде го довршил своето образование.
По завршувањето на школувањето се вработил во белградската фабрика за авиони „Рогожарски“.
За време на престојот во Белград присуствувал на демонстрации и манифестации организирани
од Комунистичката партија, при што се запознал со Мирче Ацев.
За време на штрајк во фабриката во која работел учествувал во спречување
на штрајкбрехерите да влезат во фабриката, поради што бил уапсен
и однесен во политичкиот затвор „Ада Циганлија“.
По излегувањето од затворот, во 1940 година станал член на КПЈ.
Учеството во Народноослободителната војна

Во текот на 1941 година се вратил во родното Крушево, каде заедно со Мирче Ацев
учествувал во организирањето на партизанскиот одред „Питу Гули“,
формиран на 16 Април 1942 година.
Со партизанското име „Зеко“, станал секретар на Месниот комитет во Крушево,
а подоцна и политички комесар.
Во текот на зимата 1942/1943 година престојувал во Крушево, при што
го сменил партизанското име од Зеко во Борче.
На Велигден 1943 година, по налог од Главниот штаб,
бил вклучен во партиското раководство на Првата оперативна зона.
По нападот на Крушево на 2 Август 1943 година бил поставен за заменик политички комесар
на Втората оперативна зона, а подоцна и за политички комесар на баталјон
и група баталјони.
Во Декември 1943 година бил поставен за политички комесар
на Втората македонска ударна бригада, а на Илинден 1944 година
на Втората оперативна зона.

Три недели подоцна бил назначен за политички комесар
на Првата македонска дивизија, а во Октомври истата година
за член на Централниот комитет на КПМ и политички комесар
на Втората корпусна област.
Во почетокот на Февруари 1945 година бил поставен за политички комесар
на Главниот штаб на Македонија.
За народен херој бил прогласен на 29 Ноември 1953 година.
По ослободувањето работел во инструкторското одделение на ЦК на КПМ,
а во два наврати бил градоначалник на Скопје.
Во негова чест именувани се улица во Општина Центар
и средното училиште во Крушево.
